ПОЧЕТНА

ЗА НСИОМ

ЧЛЕНКИ

КОНТАКТ

ПОЧЕТНА

1logo civ

1LOGO TELESNI

1LOGO SPORT

1LOGO SLEPI

1logo gluvi

1LOGO PORAKA

1LOGO TRUDOVI

obsk1Што очекуваат медиумите и граѓанските организации едни од други, кои се правилата на ангажираното новинарство и како граѓанските организации подобро да ги позиционираат важните теми беа некои од темите за дискусија на работилницата „Градење коалиции меѓу медиумите и граѓанските организации што ги застапуваат лицата со попреченост“.

Двајцата искусни обучувачи, Даниела Драштата од ХРТ, Загреб и Владо Крстовски од „Порака“, Скопје, низ интерактивна работа и дискусија со новинарите и граѓанските активисти, разработија идеи за заеднички акции за подобрување на видливоста на проблемите, предизвиците и интересите на лицата со попреченост. На обуката учествуваа 22 претставници од 10 медиуми и 12 граѓански организации што ги застапуваат лицата со попреченост.

Даниела Драштата истакнува дека граѓанските организации, под претпоставка дека активно се залагаат за остварување на одредени права и идеи, се природни партнери на новинарите. „Процесот е двосмерен – медиумите имаат задача да ја рефлектираат јавноста, а ако таа јавност, во овој случај граѓанските организации, е релевантна, тогаш и без посебен поттик се наметнува тема на секој одговорен медиум. Доколку новинарите ги третираат ГО како своја мрежа која обезбедува ‘бекграунд’ информации, наоѓа протагонисти за новинарските приказни и служи како отворен панел за ‘жешки’ теми – тогаш самите стануваат подобри новинари, а нивниот медиум поквалитетен“, вели Драштата. Според неа редакциите кои континуирано соработуваат со ГО, ги обучуваат своите новинари да бараат извори на информации надвор од институциите, го зголемуваат својот углед и доверба на јавноста.

Владо Крстовски вели дека на организациите кои ги застапуваат лицата со попреченост им е неопходно партнерство со медиумите со цел да се работи на подигнување на јавната свест и намалување на предрасудите, но и заради создавање сојузништвото за актуелизирање на состојбите со човековите права.

„Очекувањата од медиумите се големи - поголема застапеност и подобро позиционирање на важните теми за лицата со попреченост, соодветно пренесување на пораките и прикажување на суштината од аспект на човековите права, континуирана соработка (не само пополнување на програма) и консултација со репрезентативните организации. Медиумите во своето известување би требало да го следат пристапот кон попреченоста базиран на човекови права, да обезбедат креирање на позитивна слика за лицата со попреченост и да избегнуваат сензационалистички приказни. ГО би можеле да им помогнат на медиумите со својата експертиза и знаење, со обезбедување релевантни податоци и информации“, смета Крстовски.

До крајот на годината, новинарите и граѓанските активисти ќе реализираат повеќе активности со кои треба да се подобри видливоста на граѓанските организации кои ги застапуваат лицата со попреченост во медиумите.

Работилницата е дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија. Финансиската поддршка ја обезбеди Европската Унија.