Националниот сојуз на слепите на Република Македонија е формиран во далечната 1946 година под називот Сојуз на слепите на Република Македонија и оттогаш до денес дејствува како национална, невладина, непартиска, непрофитна и хуманитарна организација од посебно општествено значење во Републиката.
Основна мисија на Сојузот е создавање на подобри услови за живот и работа на слепите лица ширум републиката, нивните здруженија и нивната подобра социјализација и интеграција во општествената заедница.
Сојузот на слепите е Чадор-организација која преку своите 18 здруженија на слепите лица брои повеќе од 2500 членови - слепи лица на територија на Република Македонија односно лица кои на подоброто око со корективно стакло гледаат најмногу 10 проценти.
Националниот Сојуз на слепите на Република Македонија е членка на:
- Националниот совет на инвалидски организации на Македонија
- Балканскиот консултативен комитет
- Европскиот сојуз на слепите
- Светскиот сојуз на слепите
Од своето основање до денес, Сојузот води целосна грижа за своите членови - слепите лица почнувајќи од откривањето, упатувањето на школување, описменуање на Брајово писмо, рехабилитација, вработување, приспособување на работни места, набавка на тифло-технички помагала и слично.