11 Октомври 42-а, 1000 Скопје

Националниот совет на инвалидските организации на Северна Македонија (НСИОСМ) е кровна организација во која се здружени преку 90.000 лица со најразличен вид и степен на инвалидност застапувани преку: Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, Национален сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија - Мобилност Македонија, Републички центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост - Порака, Национален сојуз на цивилни инвалиди од војната на РМ, Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Северна Македонија - Параолимписки комитет на Северна Македонија и Националниот сојуз на инвалидите на трудот на Република Северна Македонија, здружени во 136 општински, меѓуопштински и градски здруженија.

Темата на Обединетите нации за одбележување на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност за оваа година е „Засилување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина.

Наместо работилница на тема, како и секоја година, НСИОМ и здружените членки годинава одлучија да ги презентираат потешкотиите со кои се соочуваат во последниот период, а кои влијаат на функционирањето и исполнувањето на зацртаните програмски активности во тековната година на НСИОМ, националните инвалидски организации и нивните здружени членки. Подолго време се соочувавме со неколкумесечен престанок на финансирање на нашите организации, а со самото тоа и на пролонгирање и откажување на одредени зацртани активности. Нашите преговори со ресорното Министерство за социјална политика, демографија и млади за подобрување на состојбата конечно вродија со плод со делумно одблокирање на спроведување на Договорот за распределување на  доделените средства за 2024 година потпишан согласно Одлуката за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри во 2024 година за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Македонија. Искрено очекуваме дека  министерството ќе ги исполни своите обврски за 2024 година во целост до крајот на ова календарска година.

Само што помисливме дека работите се стабилизираа и тргнаа на подобро, загрижени и обесхрабрени сме со информацијата дека со новиот Буџет за 2025 година, средствата за реализирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Македонија, се намалуваат од годинешните 80 милиони денари, на 60 милиони денари, што претставува враќање на позиција на финансирање од пред 10

години, со што се нарушува не само функционирањето, туку и опстанокот на Националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната кровна организација.  

Повторно се обративме до Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерство за финансии, Премиерот на Владата на Република Северна Македонија со барање за прием и конструктивен дијалог за подобрување на правата на лицата со инвалидност, стабилно и независно финансирање и функционирање на националните инвалидски организации и НСИОМ, и по долги разговори со претставниците и советниците од министерството, неодамна добивме цврсто уверување дека со ребалансот на Буџетот за 2025 година ова состојба ќе биде надмината, при што ќе се подобри и стабилизира финансирањето со цел реализацијата и целосното исполнување на програмските активности на нашите организации за 2025 година ќе биде реалност.

Почитувани,

НСИОМ, националните инвалидски организации и нивните здружени членки со години градат партнерски однос со институциите на државата, делуваат како продолжена рака на институциите насочувајќи ги своите активности кон потребите на самите лица со инвалидност за нивна целосна инклузија во општеството преку разни форми на делување, и тоа посветено ќе го прават и во иднина.

Сочувствуваме со финансиската состојба во која се наоѓа државата, но исто така сме целосно уверени дека институциите на државата, согласно Законот за инвалидски организации и Законот за игри на среќа и други забавни игри, мора да створат адекватни услови за непречено и независно финансирање и делување на овие репрезентативни организации во интерес на самите лица со инвалидност.

Заради тоа сакаме да веруваме дека даденото ветување од страна на институциите за корекција на буџетската ставка и зголемување на средствата за функционирање на нашите организации ќе биде реализирано со ребалансот на Буџетот за 2025 година кон средината на следната година, а во меѓувреме како вистински партнери ќе сториме се за да ги адаптираме нашите Програми со делумно пролонгирање на одржувањето на одредени традиционални настани, тематски работилници и кампањи.

Со почит,

Национален совет на инвалидските

организации на Северна Македонија

Претседател

Никола Николовски

01