На 06.03.2025 година, во просториите на Мисијата на Светска Банка во Скопје, во присуство на повеќе претставници на Националните инвалидски организации на Македонија, претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и претставници на други здруженија и организации, се одржа работен состанок на кој од страна на претставниците од Мисијата на Светска Банка, Manuela Sofia Stanculescu и Georgiana (Geo) Blaj, беше претставен „Проектот за администрирање на социјалното осигурување“, кој ќе се спроведува од страна на Министерството за социјална политика демографија и млади, а со поддршка на Светска Банка.
Како што беше кажано на почетокот на средбата, проектот има две компоненти, а за лицата со попреченост е исклучително важна втората компонента, која предвидува пилот проект за воспоставување на нов систем за проценка на попреченост, во кое пилотирање ќе бидат опфатени околу 2.000 лица со попреченост, од кои 500 до навршени 18 години возраст, и 1.500 постари од 18 години.
Во рамките на проектот ќе се утврди и методологијата за вршење на проценка на лицата со попреченост, според зборовите на Manuela Sofia Stanculescu самата категоризација ќе се фокусира на преостанатите способности, а алгоритмот ќе ги компарира и усогласи медицинскиот дел од категоризацијата каде главниот збор го имаат стручните лица, со прашалникот на кој ќе одговара самото лице кое ќе биде категоризирано, а се со цел да се добие што е можно пореална проценка на самата личност и неговите потреби. Целата постапка нема да трае подолго од 40 минути и ќе се спроведува во градовите во кои веќе функционира комисијата за МКФ.
Паралелно ќе се започне со формирање на единствен регистар на лица со попреченост, нешто за што нашите организации лобираат и апелираат до надлежните институции долги години наназад. Ова е потребно за да може да се прават попрецизни политики за подобрување на правата на самите лица, бидејќи државата ќе може попрецизно да пресмета колкава фискална импликација ќе има спроведувањето на одредена мерка за подобрување на положбата на лицата со попреченост во нашата држава.
Ова беше првичен состанок, соработката продолжува.
