Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во соработка со здружението „На пола пат“ од Србија и СУМЕРО од Босна и Херцеговина започнаа со спроведување на проект со наслов „Интеркултурно учење за сите“ во јануари 2023 година. Проектот се заснова на долгогодишното искуство на трите партнер организации во областа на социјална инклузија, развој на вештини за лица со интелектуална попреченост во однос на окупациона терапија, креативност, вештини за само-застапување, интеркултурно учење и толеранција.
Главната цел на проектот предвидува активно учество на лица со интелектуална попреченост како само-застапници кои ги надминуваат стереотипите, предрасудите и бариерите преку интеркултурно учење и придонесуваат за добрососедските односи во регионот и социјалната и културната соработка. Воедно со проектот се предвидува да се даде придонес за регионалната соработка преку вклучување на лица со интелектуална попреченост во интеркултурен дијалог, промовирање на нивната интеграција, воспоставување на врски помеѓу луѓето воопшто.
Изминатиов период редовно се реализираа предвидените проектни активности. Особен акцент беше даден на реализација на тематски работилници. Едукаторите и корисниците во сите дневни центри на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА активно беа вклучени во спроведување на работилниците на кои се обработуваа теми од областа на дискриминација, предрасуди, стереотипи и начини за надминување на истите.
Работилниците за дискриминација вклучија разговори за лични искуства од дискриминација во секојдневното живеење, се разговараше за видовите на дискриминација, како областите во кои најчесно се дискриминирани лицата со попреченост. За да се доближи тематиката до корисниците на дневните центри се користеа видео материјали, слики и примери во кои се опишувани различните видови на дискриминација. На сличен начин се реализираа и работилниците посветени на предрасудите и стереотипите кои владеат во општеството а се однесуваат за лицата со попреченост. На работилниците пак наменети за начините за надминување и справување со дискриминација и дискриминаторно однесување подетално се разговараше околу улогата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и како таа комисија може да помогне при дискриминаторните однесувања кон поединци или групи на лица.
Од работилниците произлегоа и неколку интересни пораки кои ги пренесоа корисниците. На пример:
- Срамота е во денешно време да ме нарекуваат „специјална“, не знам зошто кога јас имам исти потреби како сите луѓе;
- Дискриминацијата боли… боли кога ме гледаат со потсмев, кога ме избегнуваат и само ме сожалуваат…
- И ние имаме таленти, но луѓето ретко ни ги препознаваат, тие мислат дека не сме способни за било што…
- Кога не ме познаваш, немој да судиш според мојот изглед, треба да ме запознаеш за да видиш дека сите сме исти иако различно изгледаме…
- На училиште сите деца ме исмеваа дека сум побавна од нив, наставниците не ми обраќаа доволно внимание, па моите родители мораа да ме префрлат во посебно училиште.
Воедно, се донесоа и неколку заклучоци:
- Дискриминацијата, стереотипите и предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост сè уште се присутни во нашите заедници.
- Тие оневозможуваат лицата со интелектуална попреченост да ги остварат своите човекови права, потенцијали и можности.
- Затоа е потребно е да се бориме против дискриминацијата на сите можни начини.
Работилниците продолжуваат и следниот период, а ќе ги опфатат темите што ги разработуваат партнерските организации, како што се култура, традиција и обичаи, и ненасилна комуникација. Дополнително ќе се реализираат и кулинарски работилници за подготовка на јадења кои се карактеристични за трите земји вклучени во проектот, по што сите разработени теми ќе бидат опфатени во прирачник.
Исто така, во тек е и подготовка на прирачник во кој ќе бидат содржани трите теми врз основа на кое се спроведуваат работилниците, и ќе послужи за мултиплицирање на овие проектни активности во пошироката средина.
Проектот „Интеркултурно учење за сите“ финансиски е поддржан од Фондот за Западен Балкан (WBF), со поддршка на Европската унија, во рамките на Повикот за поднесување регионални проекти „Поддршка за промоција на регионални активности на граѓанското општество“.