Во рамките на проектот „Партнерство, застапување и комуникација за ефикасна инклузија на лицата со попреченост“, Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, а со поддршка од Цивика Мобилитас, во изминатиот период спроведува кампања под мотото „Исто исти“. Целта на кампањата е да придонесе за подигнување на јавната свест за можностите и правата на лицата со попреченост.
Кратките видео приказни кои се продуцирани во рамки на кампањата се насочени кон разбивање на погрешните перцепции и стереотипи за лицата со попреченост дека тие не можат да работат, да спортуваат, да возат автомобил, да водат бизнис итн. Приказните на „Исто исти“ пренесуваат сегменти од реалниот живот на лицата со попреченост кој е исполнет со обврски и активности, исто како и кај секое друго лице кое не се соочува со одредена попреченост. Клучна порака на видеата е дека сите се соочуваме со исти пречки во секојдневието, се стремиме кон исти цели, сакаме исти работи, се соочуваме со слични проблеми и предизвици, и сите заслужуваме еднакви можности.