11 Октомври 42-а, 1000 Скопје

Во периодот 18 – 26 април, тројца членови на НССРСМ со уште тројца волонтери од нашата држава заеднички учествуваа на проектот поддржан во рамки на програмата Еразмус+, на темите развој на социјално учество, активизaм и волонтерство, во Понтеведра, Шпанија. Заедно со уште 25 други млади луѓе помеѓу 18 и 30 години од Шпанија, Португалија, Италија и Бугарија нашите членови Филип Арсов, Блаже Зафиров, Кристијан Лазарев, и волонтерите Ивана Печкова, Ангела Туриманџова и Глигорчо Самарџиски 8 дена посетуваа и волонтираа во неколку локални социјални претпријатија, невладини организации и граѓански иницијативи насочени кон зачувување на локалната култура во Галиција, животната средина во овој регион, како и за поддршка на лицата со попреченост и другите маргинализирани заедници.

Покрај волонтирањето и учеството во разните активности, нашите претставници имаа и можност да остварат контакти и да се вмрежат со други организации што работат со млади и со маргинализирани заедници, да ја претстават македонската култура и традиционална кујна пред учесниците од другите држави, како и да направат работилница за учесниците од другите држави на тема како функционираат лицата со оштетен вид, со можност за прашања, одговори и практична демонстрација и директно искуство со технологијата и помагалата што ги користат лицата со оштетен вид. Сето ова нашите членови заедно со волонтерите што ги придружуваа го направија со голем ангажман и посветеност, што му додаде дополнителна вредност на проектот.
Инаку носител на проектот „Убунту“ беше организацијата „Тикет ту Јуроп“ (Ticket to Europe) од Шпанија, додека Националниот сојуз на слепи на РСМ беше партнерска организација и ова беше наша втора соработка со нив, по минатогодишното партнерство во проектот „Нула отпад“ (Zero Waste).
Со цел дисеминација на активностите и искуствата на учесниците од овој проект, НССРСМ ве повикува да испратите е-порака на мејлот info@nssrm.org.mk, каде што во предмет (subject) на пораката ќе напишете „Пријава за дисеминацискиот настан за Ебунту“, а во пораката ќе ги напишете името, презимето и имејл-адресата каде што сакате да ви испратиме линк. Овој настан ќе биде онлајн, на платформата Зум, и ќе се оддржи на 18 мај од 18:00 часот, во времетраење од 40 минути.
За крај, мораме да нагласиме дека Националниот сојуз на слепи на РСМ и во иднина ќе се стреми кон остварување нови партнерства и креирање нови активности за своите членови, особено за помладите, така што продолжете да не читате и наскоро очекувајте и други слични успешни приказни.