„Во земјава нема податок колкав е точниот број на луѓе со попреченост. Има напредок кон подобрување на нивниот квалитет на живот, но неопходно е да се отстранат бариерите и предрасудите во општеството. Пандемијата само ги продлабочи проблемите. Едни не можеа да стигнат до здравствена нега, други не можеа да се вклучат во онлајн наставата. Медиумите ја имаат клучната улога преку притисок да издејствуваат промена на регулативата во корист на лицата со попреченост. Потребно е проширување на палетата на социјални услуги и на нивната достапност и приспособеност на карактеристиките на општеството.“ – Ова се само дел од прашањата кои беа дискутирани за време на Јавната дебата за зајакнување на механизмите за соработка меѓу организациите на лицата со попреченост, новинарите и надлежните институции, што ја организираа НСИОМ и МИМ на 16 септември 2021.