На 05.06.2023 година, во Клубот на пратеници во Скопје, во организација на Министерството за труд и социјална политика, се одржа Јавна расправа по нацрт текстот на Законот за систем на проценка на лицата со попреченост, на која присуствуваа претставници на повеќе засегнати организации меѓу кои и Мобилност Македонија.
По воведните зборови од страна на заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, претставникот на експертската група која го изготвила нацрт текстот на законот, Дарко Јаневски, истакна дека со овој закон се уредува системот на проценка на лицата со попреченост, организацијата, надлежноста, групите вработени и начинот и изворите на финансирање на Централното координативно тело за проценка на лица со попреченост, условите и постапката за лиценцирање на лицата кои вршат проценки, условите и постапката за сертифицирање на обучувачи кои спроведуваат обуки за вршење проценки, начинот на вршење на проценка на лицата со попреченост и издавање на наод и мислење и потврда за лице со попреченост, надоместоците и трошоците во системот за проценки на лица со попреченост, воспоставувањето и водењето на регистарот на лицата кои вршат проценки и на регистарот на лица со попреченост, воспоставувањето и администрирањето на информацискиот систем за проценка на лицата со попреченост, како и други прашања од значење за системот за проценки.
Проценка во смисла на овој закон претставува утврдување на попреченост како долготрајна телесна, интелектуална, ментална или сетилна оневозможеност на лице, што во интеракција со различните општествени бариери може да го спречи неговото целосно и ефективно учество во општеството на еднаква основа со другите граѓани, како и определување на нивото на преостаната работна способност и потребна поддршка на лицето.
Присутните претставници од невладините организации дадоа повеќе сугестии и предлози за измени и дополнувања на нацрт Законот пред да влезе во Владина процедура, најважни од нив беа барањата да бидат ослободени од плаќање на услугата за добивање на проценка за попреченост сите баратели (колку и таа сума да биде симболична, како што велат изработувачите на текстот), без оглед на возраста на барателите, бидејќи законот предвидува тарифник на услуги кој ќе го утврди министерот за труд и социјална политика со кој се предвидува плаќање за ова услуга, а воедно доколку се воведе плаќање на ова услуга, ќе се вратиме чекор наназад во остварување на правата бидејќи сега деца и младинци до 26 години се ослободени од плаќање на партиципација за проценка на степен на попреченост, потоа барање системот да се надгради врз веќе постоечката спроведена меѓународна функционална класификација на деца и младинци која веќе се имплементира подолг период, потоа за составот на експертските тимови за проценка и кои профили на експерти би требало да се додадат во тимовите освен веќе предложените, а најголема забелешка од присутните беше дека самиот текст на законот наликува на медицински модел на третирање на попреченоста, кој ние, организациите на лицата со инвалидност, но и институциите на државата се трудиме да го замениме со социјалниот модел под мотото „Ништо за нас, без нас“, како и забелешката дека одредбите од Законот треба да се усогласат и да бидат компактибилни со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, која РСМ ја ратификуваше 2011 година и од тогаш е обврзувачка при изготвувањето на домашната легислатива.
Законот е отворен за сугестии и предлози на ЕНЕР: https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation...==