Националниот совет на инвалидските организации на Македонија го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, манифестација која во присуство на потпретседателот на Владата на РМ, Никола Поповски, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, претставникот на МТСП, Слободанка Лазова-Здравковска, претставникот на кабинетот на Претседателот на РМ, Флора Љатифи, претставникот на ИППЛГ Катерина Бојарова, Раководителот на Институтот за дефектологија Зора Јачова, претседатели и преку 150 претставници на националните инвалидски организации здружени во Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, се одржа во ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје на 3-ти Декември со почеток во 11:00 часот.
Модератор на манифестацијата на одбележување на 3-ти Декември беше раководителот на службата на НСИОМ, Драган Дојчиноски, а сите вработени во службата дадоа свој придонес со несебичното залагање за успешната организација на настанот.
На почетокот на манифестацијата беше прочитано писмото од Претседателот на РМ, неговата екселенција Ѓорге Иванов, а обраќање до присутните имаа: Душко Нешевски - претседател на НСИОМ, Слободанка Лазова-Здравковска - претставник на МТСП, како и добитниците на плакетата на НСИОМ: Круме Ефремов во името на семејството на починатиот добитник Љупчо Ефремов и Коце трајановски - градоначалник на град Скопје.
Имено, во рамките на одбележувањето, НСИОМ секоја година доделува награда „3-ти Декември“ на истакнати поединци, организации и институции кои даваат посебен придонес во активностите и имаат заслуга за подобрување на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија.
Добитник на наградата за 2016 година е Љупчо Ефремов (постхумно) за неговиот исклучителен придонес, заслуги и лично залагање за подобрување на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија.
Втор Добитник на наградата „3-ти Декември“ за 2016 година е Собранието на Град Скопје и Градоначалникот Коце Трајановски за неговиот исклучителен придонес, заслуги и залагање за подобрување на правата на лицата со инвалидност.
Потоа следеше тематска расправа на тема „Постигнување на 17 цели за одржлив развој за да ја градиме иднината која ја посакуваме“. Свои излагања имаа:
- Васко Марков - претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви на РМ
- Бранимир Јовановски - претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет - Мобилност Македонија
- Чедомир Трајковски - претседател на Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - Порака
- Стерја Димов - секретар на Националниот сојуз на слепите на РМ
Од изнесените дискусии јасно произлегува дека за жал недоволно се делува од институциите на државата. Лицата со инвалидност од своето сопствено животно искуство знаат како се кршат нивните права и како истите можат да се заштитат. Лицата со инвалидност не бараат од државата милостина и сожалување, туку почитување на основните човекови права. Државата не ги чувствува последиците од непристапност, ниту пак за истото сноси одговорност. Меѓутоа, силно би ги почувствувала последиците од пристапноста, бидејќи би им овозможила на своите граѓани, кои се соочуваат со некаков вид на инвалидност, да се образуваат, да стекнат знаења и вештини, да станат конкурентни на пазарот на трудот, да се вработат, независно да живеат и да станат корисни членови на заедницата. Од издржувани лица, ќе станат лица кои заработуваат и кои обезбедуваат егзистенција за себе и за своето семејство, лица кои ќе бидат во можност да носат крупни одлуки во животот.
На крајот, беше цитиран Пабло Пикасо кој рекол: „Кој сака да направи нешто, бара начин, а кој несака ништо да направи, бара оправдување”. Се надеваме дека националните инвалидски организации во соработка со Владата на РМ ќе изнајдат начин на следното чествување на овој значаен ден со гордост да се пофалиме со реализирани конкретни мерки за подобрување на правата и положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија.