11 Октомври 42-а, 1000 Скопје
На 27.12.2022 г., во хотел Александар Палас во Скопје, во организација на Агенцијата за млади и спорт и со директен пренос на МРТ1, беше одржано 68-то издание на Избор на најдобри спортисти на Македонија за 2022 година.
Годинава, благодарение на двата златни медали кои ги освои Оливера Наковска Бикова од Европско првенство во Хамар и Светско првенство во Ал Аин, ОАЕ, имавме номинации во 3 категории и тоа:
-Оливера Наковска Бикова за најдобра спортистка на годината,
-Бранимир Јовановски за најдобар тренер на годината и
-Параолимпискиот комитет на Северна Македонија за најдобра спортска федерација.
Очекувано, Оливера Наковска Бикова ја освои титулата Најдобра спортистка на Северна Македонија за 2022 година, според гласовите на спортските федерации, спортските новинари и членовите на Советот на агенцијата. Сите честитки за Оливера и нејзиниот спортски подвиг во 2022 година, во која ги обедини сите титули што еден спортист може да ги освои во спортската кариера.
На наше големо изненадување (а изгледа не само на наше), Бранимир Јовановски не беше прогласен за најдобар тренер на Македонија за 2022 и поред исклучителните тренерски успеси со Оливера Наковска Бикова. За жал, неговиот труд и заслуга за освојувањето на двата златни медали од највисок ранг на натпреварување не беа препознаени и валоризирани од страна на спортските новинари, спортските федерации и советот, тој заврши како второпласиран на листата, а титулата ја понесе Дејан Митровски-Урко, кик бокс за златен и бронзен медал од ЕП. Како и да е, честитки до Урко за титулата најдобар тренер, а нашата федерација исто така не беше препознаена за најуспешна во категоријата најуспешни спортски федерации, таа чест и припадна на Ракометната федерација на Северна Македонија.
Параолимпискиот комитет на Северна Македонија им честита на сите носители на титули во дванаесетте категории, но и на сите номинирани спортисти и спортски тренери и федерации.
На сите спортисти и спортски работници им посакуваме Среќна Нова 2023 година, да биде исполнета со многу нови освоени медали и титули.