Новинари и претставници на граѓански организации членки на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, учествуваа на работилница за инклузивно новинарство и генерирање теми за видео стории поврзани со застапување на правата на лицата со попреченост.
Целта на работилницата е да придонесе во унапредување на соработката меѓу новинарите и граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост, преку заедничка работа на видео стории кои ќе обработуваат различни теми поврзани со проблемите на лицата со попреченост.
На работилницата свои излагања имаа Марина Тунева, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија и Даниела Драштата, уредничка во Хрватската радио телевизија. Tунева се осврна на сликата на лицата со попреченост во медиумите, на проблематичните аспекти во известувањето за нивните права и како преку инклузивно новинарство да се унапреди известувањето за овие категории граѓани. Гостинката од Хрватската радио телевизија низ примери од праксата посочи како треба да се конципира новинарското известување со цел да се поттикне поголема инклузија на лицата со попреченост.
Претставниците на граѓански организации членки на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија ги презентираа клучните проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост. Меѓу другото тие ги истакнаа проблемите со квалитетот на здравствена заштита во текот на пандемијата, ограничените можности за вклучување во заедницата, непочитувањето на правилата за пристапност при изградба на објекти и реновирање на јавни површини, недоволна асистенција за децата со попреченост во образованието, недостапност на интернет и дигитални уреди итн.
Новинарите кои што учествуваа на работилниците, во соработка со претставниците на граѓанските организации ќе ги обработат овие теми низ видео стории со цел да ја покренат свеста на јавноста за овие проблеми и да извршат притисок кон надлежните институции да преземат соодветни мерки.
Работилницата беше организира во рамки на проектот „Партнерство, застапување и комуникација за ефикасна инклузија на лицата со попреченост“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мовилитас.