На 08.07.2024 година, претседателот на Националниот сојуз на слепи на РСМ, Жарко Селковски и членовите на Сојузот Ирена Бојмалиева и Љупчо Ваневски остварија средба со претседателката на РС Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.
На средбата претставниците на НССРСМ ја информираа претседателката за тековните активности на Сојузот, како и за идните ангажмани во насока на заштита на правата на лицата со оштетен вид и нивна инклузија во сите сегменти на македонското општество. Претставниците на Сојузот посочија дека Националниот сојуз на слепи на РСМ обединува над 2.600 лица со целосно или делумно оштетен вид на територијата на целата држава и истакнаа дека Националниот сојуз на слепи е член на неколку меѓународни организации, меѓу кои се Балканскиот консултативен комитет, како и Европскиот сојуз на слепи (EBU) и Светскиот сојуз на слепи (WBU).
На средбата претседателката Силјановска-Давкова и претставниците на Националниот сојуз на слепи заеднички заклучија дека е неопходно да се подобри животниот стандард на лицата со оштетен вид во државата, како и да им се олесни пристапноста до соодветно образование, здравство, култура и спорт.
Претседателката дополнително истакна дека само преку тесна соработка помеѓу Сојузот и релевантните државни институции ќе се подигне свеста за унапредување на правата на лицата со оштетен вид.
НССРСМ овде ја изразува својата благодарност до Кабинетот на претседателката Силјановска-Давкова и укажаната можност на директна и непосредна средба тие да ѝ ги кажат предизвиците со кои се соочуваат тие како Сојуз, како и плановите за унапредување на правата на слепите и лицата со оштетен вид во иднина.