11 Октомври 42-а, 1000 Скопје

p2По повод одбележувањето на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, Националниот совет на инвалидски организации на Македонија организираше средба со Претседателот Стево Пендаровски. Средбата се одржа во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ на 2-ри декември 2021 година.

Претставниците на националните организации на лица со попреченост, членки на НСИОМ, го информираа Претседателот Пендаровски за тековните активности што ги реализираат за унапредување на состојбите во секојдневното живеење на лицата со попреченост, ги презентираа и своите приоритети во однос на остварувањето на правата на лица со попреченост во нашата држава, како и препреките и проблемите на кои наидуваат.

Присутните претставници на националните организации на лица со попреченост нагласија дека и покрај евидентното унапредување на положбата на овие граѓани, сè уште постојат области во коишто е отежнато нивното функционирање и дека ваквите системски слабости коишто се одамна детектирани, дополнително се нагласени со појавата на пандемијата.

Охрабрувајќи ги севкупните напори на сите членки на Националниот совет на инвалидските организации за остварување на интересите на лицата со инвалидност, Претседателот Пендаровски ја нагласи неговата лична заложба и безрезервната поддршка на секоја иницијатива, независно од 3 Декември, предизвиците со коишто се соочуваат граѓаните да добиваат континуирано внимание и сериозен пристап во текот на целата година. „Мојата лична заложба е надминувањето на предизвиците со коишто се соочуваат лицата со попреченост да биде континуиран процес, во текот на целата година. Ја имаат мојата безрезервна поддршка за унапредување на нивната инклузија во општеството“ нагласи Претседателот Пендаровски.

Во таа насока, претседателот Пендаровски порача дека е неопходна целосна посветеност и партнерски однос меѓу овие организации и институциите во Северна Македонија.

За време на настанот, НСИОМ врачи Плакета на македонскиот институт за медиуми за успешната соработка и поддршката за подигнување на јавната свест за правата на лицата со попреченост.