ДО:
Премиерот на Република Северна Македонија
Владата на Република Северна Македонија
Координатори на пратенички групи во Собранието на Република Северна Македонија
и членови на ИПЛГ
Министерството за финансии на Република Северна Македонија
Министерството за социјална политика, демографија и млади на Република Северна Македонија
ПРЕДМЕТ: Барање за измена и дополнување на членот 18 од новиот Предлог Закон за игри на среќа и забавните игри заради спречување на разводнување на постоечкиот модел на финансирање на националните инвалидски организации
Почитуван Премиер,
Почитувани пратенички и пратеници,
Почитувани членови на Владата,
Ви се обраќаме во името на Националниот совет на инвалидски организации на Северна Македонија (НСИОСМ) и неговите здружени членки - национални инвалидски организации:
1. Национален сојуз на слепите на Република Северна Македонија (НССРСМ),
2. Национален сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија (НСГНРСМ),
3. Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија (НСЛТИСМ – Мобилност Македонија),
4. Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА (РЦПЛИП – ПОРАКА),
5. Национален сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија (НСЦИВМ),
6. Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписки комитет на Северна Македонија (НФСРИСМ – ПКСМ), и
7. Национален сојуз на инвалиди на трудот на Северна Македонија (НСИТРСМ).
Изразуваме голема загриженост и јасно барање во врска со Предлогот на нов Закон за игрите на среќа и забавните игри, кој моментално е во собраниска процедура.
Конкретно, член 18 од Предлог-законот ја менува суштински формулацијата од постоечкиот член 16 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, со што националните инвалидски организации повеќе не се изречно споменати како корисници на средствата, а на нивно место е воведена нејасната категорија „лица со инвалидитет и посебни потреби“.
Со оваа измена, без аналитичка и правна основа, се ризикува дополнително разводнување и уназадување на постоечкиот модел на финансирање, кој и самиот не е доволно предвидлив ниту одржлив, а преку кој повеќе од две децении се финансира институционалната мрежа на инвалидските организации во земјава – мрежа која опфаќа над 130 општински и меѓуопштински здруженија и обезбедува услуги, застапување и поддршка за десетици илјади граѓани со инвалидност и нивните семејства.
Зошто формулацијата од член 16 од стариот закон мора да остане?
1. Правна конзистентност со Законот за инвалидски организации.
Член 29 од Законот за инвалидски организации изречно утврдува дека националните инвалидски организации „се финансираат од Буџетот на Република Македонија од средствата од игри на среќа согласно со одлука на Владата за распределба на овие средства“. Бришењето на изречното споменување на националните инвалидски организации во член 18 од Предлог-законот создава директна правна противречност помеѓу два важечки закона и отвора простор за толкувања кои практично можат да го блокираат финансирањето на овие организации.
2. Институционално финансирање, а не социјална помош на поединци.
Постоечкиот член 16 финансира организации – правни лица со утврден статус, со 95% членство на лица со инвалидност, со најмалку 15 здруженија на територијата на државата и со повеќегодишно искуство. Новата формулација „лица со инвалидитет и посебни потреби“ се однесува на поединци и подразбира социјална помош, која во правниот систем веќе се регулира преку Законот за социјална заштита. Тоа значи дека со новата формулација средствата би можеле да се пренасочат во редовни социјални трансфери, наместо да го обезбедуваат опстанокот на инвалидското организирано движење. Дополнително, предлог измената предвидува проширување на други ранливи категории и стари изнемоштени лица, што ќе доведе до одлив на средства кон други програми, а со тоа и дополнително намалување на веќе намалениот годишен буџет и затворање на националните инвалидски организации.
Посебно нагласуваме дека согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации, Владата на РСМ секоја година носи посебна одлука за распределба и користење на средства за финансирање на програмските активности на други здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија.
3. Меѓународни обврски –Конвенција на ОН за правата на лицата со инвалидност.
Република Северна Македонија ја има ратификувано Конвенцијата и нејзиниот Опционален протокол во 2011 година. Општиот коментар бр. 7 на Комитетот за правата на лицата со инвалидност (на чл. 4.3 и 33.3) изречно бара државите кои ја имаат ратификувано Конвенцијата задолжително во сите процеси на донесување на одлуки во врска со прашања поврзани со лицата со инвалидност активно да ги вклучат и внимателно да ги консултираат лицата со инвалидност, преку нивните репрезентативни организации.
Дополнително на тоа, обврските преземени со Конвенцијата налагаат и обврска за државите да гарантираат соодветно и доволно финансирање на организациите на лицата со инвалидност, преку основно институционално финансирање, наместо ограничување само на проектно финансирање. Бришењето на изречното споменување на националните инвалидски организации од Законот за игрите на среќа и забавните игри е во спротивност со овие одредби од Конвенцијата и претставува уназадување од постоечкиот модел на финансирање, кој и онака е недоволен.
4. Што прави Предлогот на нов закон во член 18?
Наместо македонскиот модел да се приближи кон стандардите на Европската Унија – создавање посебен фонд, зголемен и гарантиран процент од концесиските надоместоци и институционална независност – Предлог-законот го прави спротивното. Тој ги брише националните инвалидски организации од текстот, ја занемарува нивната институционална улога и средствата ги претвора во неименуван дел од општиот социјален буџет, кој потоа Владата го распределува по сопствено наоѓање и без законска обврска националните инвалидски организации воопшто да бидат корисници. Тоа е разводнување на еден веќе скромен модел во момент кога од Северна Македонија како земја-кандидат за ЕУ се очекува тој модел да се зајакнува, а не да го разнебитува.
Со предложената измена, Северна Македонија би била единствената држава во регионот – и една од ретките во Европа – која во период на пристапни преговори со ЕУ ги брише националните инвалидски организации од текстот на Законот за игри на среќа. Тоа е спротивно на правецот на хармонизација кон ЕУ-стандардите и спротивно на општата европска практика на изградба на одржлив и предвидлив фонд за инвалидските организации.
5. Финансиски и оперативни последици
Без изречното именување на националните инвалидски организации и без задршка на постоечкиот механизам на доставување програми од субјектите-корисници (став 3 и 4 од член 16 во стариот закон), националните инвалидски организации, нивната асоцијација и нивните преку 130 локални здруженија ризикуваат целосна институционална парализа. Постоечките средства – кои од 2008 година реално стагнираат и едвај ги покриваат фиксните трошоци – се ризикува да бидат пренасочени во буџетски ставки за индивидуални социјални давачки и да се пренасочуваат кон други програми за ранливи групи, во кои инвалидските организации немаат правен основ да аплицираат како корисници.
БАРАЊЕ
Во таа смисла, бараме член 18 став (1) од Предлогот на Закон за игрите на среќа и забавните игри изречно да ги наведе националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, како корисници на средствата по сите основи од приредувањето на игрите на среќа и забавните игри.
Дополнително, бараме да се задржи механизмот од став (3) и (4) од сегашниот член 16, со кој распределбата на средствата ја врши Владата на РСМ врз основа на програма поднесена од Министерството за труд и социјална политика (сега: Министерство за социјална политика, демографија и млади), а програмата се изготвува врз основа на проекти поднесени од самите субјекти-корисници.
Основано сметаме дека тоа е минимумот кој пратениците и Владата може да го стори за да продолжи и онака непредвидливото и оскудно финансирање на инвалидските организации.
Бидејќи новиот Предлог Закон за игрите на среќа и забавните игри не беше ставен на ЕНЕР и не беше достапен за коментари и забелешки за сите засегнати страни и пошироката јавност, ние не бевме во можност да ги видиме предложените решенија и соодветно да реагираме со сугестии забелешки и предлози.
Оттука, како перспективна цел и во духот на ЕУ стандардите, предлагаме иницијатива за разговор за идно воспоставување посебен фонд за финансирање на инвалидските организации од средствата од игри на среќа, со гарантиран законски процент и со управни органи во кои се застапени самите национални инвалидски организации – што би значело реален чекор на усогласување со европската пракса.
Се надеваме дека Владата, но и пратениците во Собранието ќе покажат капацитет за кооперативност и иницијативност за создавање на одржлив модел на финансирање на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, но и сите други репрезентативни организации кои се залагаат за правата и интересите на ранливите категории на луѓе во нашата држава.
Овие наши барања не претставуваат барање за привилегија – тие претставуваат барање за зачувување на воспоставената правна состојба која е резултат на повеќедецениска работа на репрезентативните национални инвалидски организации, кои ги штитат правата на најранливите групи на граѓани со инвалидност.
Со должна почит, ги очекуваме Вашата поддршка и Вашиот одговор.
Скопје, 22.05 2026 година
Потписници:
1. Национален совет на инвалидските организации на Северна Македонија,
Претседател Џеват Палоши, с.р.
2. Национален Сојуз на слепи на Северна Македонија,
Претседател Жарко Селковски, с.р.
3. Национален сојуз на глуви и наглуви на Северна Македонија,
Претседател Томица Стојановски с.р.
4. Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија,
Претседател Бранимир Јовановски с.р.
5. Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА,
Претседател Чедомир Трајковски с.р.
6. Национален сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија,
Претседател Никола Николовски с.р.
7. Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписки комитет на Северна Македонија,
Претседател Васко Марков с.р.
8. Национален сојуз на инвалиди на трудот на Република Северна Македонија,
Претседател Џеват Палоши с.р.